Често поставувани прашања

  1. Што се подразбира под „формат на електронски податоци“?

– Формат на електронски податоци се податоци создадени во електронска форма, погодни за електронска обработка и пренос преку електронски комуникациски системи. Пример за формат: електронскиот податок со текстуална содржина може да биде складиран како текст документ во формат „.txt“, како ворд документ (word document) во формат „.doc“, како и во други видови на формати.

 

  1. Што е електронска трансакција?

–   Електронска трансакција е активност помеѓу две или повеќе страни, којашто се извршува по електронски пат.

Електронската трансакција може да биде помеѓу физички лица и правни лица, само помеѓу физички лица или само помеѓу правни лица.

 

  1. Што е електронски документ?

– Електронски документ е секоја содржина складирана во електронска форма, особено текстуални или звучни, визуелни или аудио-визуелни записи.

Пример за електронски документ: снимениот состанок на колегијален орган како аудио-визуелен запис има третман на записник, без да има потреба од создавање на нова текстуална содржина.

 

  1. Што е подразбира под поимот „производ“?

– Производ е хардвер, софтвер или соодветните компоненти на хардвер или софтвер предвидени да се користат при обезбедување на доверливи услуги.

 

  1. Што е интероперабилност?

– Интероперабилност е способноста на два или повеќе системи или нивните компоненти за размена на податоци и олеснување на заедничката употреба на податоци и знаење.

 

  1. Што е јавен орган?

– Јавен орган е државен орган, орган на државната управа, единица на локалната самоуправа, јавни претпријатија, установи, организации и правни лица на кои им се делегирани јавни овластувања во согласност со законодавството на Република Северна Македонија.

 

  1. Што е автентификација?

–   Автентикација е електронски процес кој овозможува електронска идентификација на физичко или правно лице или кој овозможува потврдување на потеклото и интегритетот на податоците во електронска форма.

Овој процес овозможува личното поднесување на документи да се изврши со употреба на средство за електронска идентификација. Дополнително, овој процес овозможува и проверка на доставените или пренесените податоци во електронска форма.

 

  1. Што е податоци за идентификација на лица?

– Податоци за идентификација на лица се збир на податоци врз основа на кои единствено е можно да се идентификува идентитетот на правно лице, физичко лице или овластено лице на правно лице.

Покрај единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), единствен матичен број на субјектот (ЕМБС) или единствен даночен број (ЕДБ) за правните лица, податок за идентификација на лице може да биде и единствениот електронски број на граѓанинот (ЕЕБГ), сертификатот за електронски потпис или било кој друг податок од кој може да се определи или од кој е определив идентитетот на лицето.

 

  1. Што е електронска идентификација?

–  Електронска идентификација е процес на користење на податоци за идентификација на лица во електронска форма кои на уникатен начин го претставуваат физичкото или правно лице или овластено лице на правно лице.

 

  1. Што се средства за електронска идентификација?

– Средства за електронска идентификација се материјални или нематеријални средства кои содржат податоци за идентификација на лица, а се користат за автентикација кај електронски услуги.

Пример за нематеријално средство за електронска идентификација е корисничкото име и лозинката кои ги употребува лицето за најава во некој информациско-комуникациски систем.

Доколку лицето за најава во некој информациско-комуникациски систем може да употреби електронски потпис во форма на токен (USB) и притоа лицето да биде идентификувано, тогаш токенот претставува материјално средство за електронска идентификација.

 

  1. Што е издавач на средство за електронска идентификација?

– Издавач на средство за електронска идентификација е прaвно лице кое ги исполнува условите утврдени во Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги за издавачи на средство за електронска идентификација.

 

  1. Што е шема за електронска идентификација?

– Шема за електронска идентификација е систем за електронска идентификација според кој средствата за електронска идентификација се издаваат на физички или правни лица или овластено лице на правно лице.

Конкретно, системите што се користат за: определување на карактеристиките и дизајнот на средството за електронска идентификација; издавање, достава и активирање на средството за електронска идентификација; суспензија, отповикување и реактивирање на средството за електронска идентификација; обновата и замената на средството за електронска идентификација; како и автентикација на средствата за електронска идентификација се елементи од кои е составена самата шема.

Шема за електронска идентификација може да се користи за идентификација на физички и правни лица.

Шема за електронска идентификација се користи и во затворени системи.

 

  1. Што е доверлива услуга?

– Доверлива услуга е електронска услуга при електронски трансакции, која се состои од:

–  создавање, валидација и верификација на електронски потписи, електронски печати или електронски временски жигови, услуги за електронска препорачана достава, како и сертификати поврзани со овие услуги или

– создавање, валидација и верификација на сертификати за автентичност на веб страници или

– зачувување на електронски потписи, печати или потврди поврзани со овие услуги.

 

  1. Каква може да биде доверливата услуга?

-Доверливите услуги може да бидат неквалификувани и квалификувани.

Кога не е определено за каков вид на доверлива услуга се работи, односно тогаш се работи за неквалификувана доверлива услуга.

 

  1. Кој може да биде давател на доверлива услуга?

-Давател на доверлива услуга е правно лице кое обезбедува една или повеќе доверливи услуги.

 

  1. Што се подразбира под поимот засегната страна?

– Засегната страна е физичко или правно лице кое има правен интерес од електронска идентификација или доверливи услуги.

 

  1. Што е квалификувана доверлива услуга?

– Квалификувана доверлива услуга е вид на доверлива услуга што ги исполнува условите утврдени со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги кои се однесуваат за квалификувана доверлива услуга.

 

  1. Што е давател на квалификувана доверлива услуга?

– Давател на квалификувана доверливa услугa е давател на доверливa услугa кој обезбедува една или повеќе квалификувани доверливи услуги и чиј статус на давател на квалификувана доверлива услуга е доделен од страна на министерот за информатичко општество и администрација со регистрација во Регистарот на шеми за електронска идентификација и на доверливи услуги.

 

  1. Кој може да биде давател на доверлива квалификувана услуга?

– Давател на квалификувана доверлива услуга е правно лице на кое му се доделени јавни овластувања, согласно со одредбите од Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

 

  1. Што се подразбира под поимот електронски потпис?

– Електронски потпис е збир на податоци во електронска форма кој е придружен кон или е логички поврзан со други податоци во електронска форма и кој потписникот го користи за потпишување.

 

  1. Што се подразбира под поимот електронски печат?

– Електронски печат е збир на податоци во електронска форма кој е придружен кон или е логички поврзан со други податоци во електронска форма, со што се обезбедува сигурност на потеклото и интегритетот на придружените или поврзаните податоци.

 

  1. Што се подразбира под податоци за изработка на електронски потпис?

– Податоци за изработка на електронски потпис се единствени податоци кои се користат од страна на потписникот за создавање на електронски потпис.

 

  1. Што се подразбира под податоци за валидација?

– Податоци за валидација се податоците кои се користат за валидација на електронски потпис или електронски печат.

 

  1. Што е сертификат за електронски потпис?

          – Сертификат за електронски потпис е електронска потврда која ги поврзува податоците за валидација на електронскиот потпис со физичко лице и која го потврдува најмалку името или псевдонимот на тоа лице.

 

  1. Што е сертификат за електронски печат?

          – Сертификат за електронски печат е електронска потврда која ги поврзува податоците за валидација на електронскиот печат со правното лице и која го потврдува името на правното лице.

 

  1. Што се подразбира по поимот потписник?

– Потписник е физичко лице кое создава електронски потпис.

 

  1. Кој може да биде создавач на електронски печат?

– Создавач на електронски печат е правно лице кое создава електронски печат и истото во смисла на овој закон е определено и како запечатувач.

 

  1. Што е средствo за создавање на електронски потпис или електронски печат?

– Средствo за создавање на електронски потпис или електронски печат е техничко средство, односно конфигуриран софтвер или хардвер, што се користи за создавање електронски потпис или електронски печат.

 

  1. Што се подразбира под поимот валидација?

-Валидација е постапката за проверка и потврдување дека електронскиот потпис или електронскиот печат се валидни.

 

  1. Што е напреден електронски попис?

– Напреден електронски потпис е електронски потпис кој ги исполнува условите утврдени со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги кои се однесуваат за напреден електронски потпис.

 

  1. Што е квалификуван електронски потпис?

– Квалификуван електронски потпис е напреден електронски потпис кој е создаден од средство за изработка на квалификуван електронски потпис и кој се заснова на квалификуван сертификат за електронски потпис.

 

  1. Што се подразбира под средства за создавање на квалификуван електронски потпис или печат?

– Средства за создавање на квалификуван електронски потпис или печат се средства кои ги исполнуваат условите утврдени во Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, а кои се однесуваат на средства за создавање на квалификуван електронски потпис или печат.

 

  1. Што се подразбира под квалификуван сертификат за електронски потпис?

– Квалификуван сертификат за електронски потпис е сертификат за електронски потпис издаден од давател на квалификувана доверлива услуга и кој ги исполнува условите утврдени во Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, а кои се однесуваат на квалификуван сертификат за електронски потпис.

 

  1. Што се подразбира под поимот напреден електронски печат?

– Напреден електронски печат е електронски печат кој ги исполнува условите утврдени со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги кои се однесуваат за напреден електронски печат.

 

  1. Што значи квалификуван електронски печат?

– Квалификуван електронски печат значи напреден електронски печат кој е изработен од средство за изработка на напреден електронски печат и кој се заснова на квалификуван сертификат за електронски печат.

 

  1. Што се подразбира под податоци за изработка на електронски печат?

– Податоци за изработка на електронски печат се единствени податоци кои се користат од страна на создавачот на електронски печат со цел создавање на електронски печат.

 

  1. Што е квалификуван сертификат за електронски печат?

– Квалификуван сертификат за електронски печат е сертификат за електронски печат издаден од давател на квалификувана доверлива услуга и ги исполнува условите утврдени во овој закон, а кои се однесуваат на квалификуван сертификат за електронски печат.

 

  1. Што се подразбира под сертификат за автентичност на веб страница?

– Сертификат за автентичност на веб страница е потврда што овозможува да се потврди автентичноста на дадена веб страница и ја поврзува веб страницата со физичкото или правното лице на кое му е издаден сертификатот за автентичност на веб страница.

 

  1. Што е квалификуван сертификат за автентичност на веб страница?

– Квалификуван сертификат за автентичност на веб страница е сертификат за автентичност на веб страница издадена од давател на квалификувана доверлива услуга и кој ги исполнува условите утврдени во овој закон, а кои се однесуваат на квалификуван сертификат за автентичност на веб страница.

 

  1. Што е електронски временски жиг?

– Електронски временски жиг е збир на податоци во електронска форма кој поврзува други податоци во електронска форма со конкретно време и претставува доказ дека поврзаните податоци постоеле во конкретниот момент.

 

  1. Што е квалификуван електронски временски жиг?

– Квалификуван електронски временски жиг е електронски временски жиг кој ги исполнува условите утврдени во овој закон, а кои се однесуваат на квалификуван електронски временски жиг.

 

  1. Што е електронска препорачана достава?

– Електронска препорачана достава е услуга која овозможува пренос на податоци помеѓу трети страни по електронски пат и обезбедува доказ во врска со преносот на податоците, вклучувајќи доказ за испраќање и примање на податоците, а притоа го заштитува преносот на истите од ризикот од загуба, кражба, оштетување или недозволени измени.

 

  1. Што е квалификувана електронска препорачана достава?

– Квалификувана електронска препорачана достава е услуга за електронска препорачана достава што ги исполнува условите утврдени во овој закон, а кои се однесуваат на квалификуванa електронска препорачана достава.

 

  1. Што се подразбира по поимот конверзија?

– Конверзија е промена на формата или форматот на документот од една форма или формат во друга форма или формат, така што содржината на документот останува непроменета.

 

  1. Што е дигитализација?

– Дигитализација е процес на конверзија на документ чијашто форма не е електронска во дигитализиран документ.

 

  1. Што е дигитализиран документ?

– Дигитализиран документ е електронски документ што е создаден со дигитализација на оригинални документи во писмена форма.

  1. Што е електронско складирање на документи?

– Електронско складирање на документи е чување на документи во електронска форма, за кои е точно определено времето на чување на тие документи, соодветно на времето на чување на документите во печатена форма, за кои времето на складирање е потврдено со електронски временски жиг;

 

  1. Што е квалификувано електронско складирање на документи?

– Квалификувано електронско складирање на документи е чување на електронски документи, кои при нивното складирање се потврдени со квалификуван електронски потпис или печат и квалификуван временски жиг;

 

  1. Што е ознака за доверба на доверлива услуга?

– Ознака за доверба на доверлива услуга е ознака којашто е јасно препознатлива и којашто јасно упатува дека доверливата услуга ја обезбедува конкретен давател на доверлива услуга.

 

  1. Што е ознака за доверба на квалификувана доверлива услуга?

– Ознака за доверба на квалификувана доверлива услуга е ознака којашто е јасно препознатлива и којашто јасно упатува дека квалификуваната доверлива услуга ја обезбедува конкретен давател на квалификувана доверлива услуга.

 

  1. Што се подразбира под тело за оценување на сообразноста?

– Тело за оценување на сообразноста е правно лице акредитирано да врши проценка на усогласеноста за исполнетост на услови кои се однесуваат на давател на квалификувана доверлива услуга и на квалификувани доверливи услуги кои истиот ги обезбедува.

 

  1. Што е подразбира под лабораторија за тестирање?

– Лабораторија за тестирање е правно лице акредитирано да врши проценка на усогласеност на средствата за издавање на електронска идентификација, електронски потписи или електронски печати со условите определени со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.